Sunday, December 4, 2022
Google search engine
HomeМАКЕДОНИЈА120 години од смртта на охридскиот војвода Методи Патчев

120 години од смртта на охридскиот војвода Методи Патчев

Денеска се навршуваат 120 години од херојската смрт на охридскиот војвода Методи Патчев.

На денешен ден далечната 1902 година во нерамна битка против 500 војници турски аскер, Методи Патчев и неговата дружина после 24 часовна борба, сами си го одзеле животот, а нивниот подвиг предизвикал восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот.

Патчев е роден 1875 година во Охрид. По потекло бил од сиромашна рибарска фамилија. Неговите родители – Јаќим и Марија биле трудољубиви и чесни луѓе. Јаќим со рибарскиот занает не можел да го прехрани своето семејство заради неприликите кои го снашле рибарството во последните децении на XIX век. Тој не сакал неговите деца да го наследат неговиот занает, па затоа синовите Коста и Сандре ги дал да го учат ќуркчискиот (кожарскиот) занает, додека синот Никола не сакал да чиракува зашто велел дека душата ќе му смрди на штавени кожи. Методија како најмал го дал да учи, а ќерка му Вета ја оставил дома за да ѝ помага на мајка си, бидејќи во куќата биле пет мажи. Методија завршил основно училиште и четири класа класно училиште во родниот град. Виши класови на гимназија или некое друго средно училиште тогаш во Охрид немало. Бидејќи родителите на Методија биле крајно сиромашни, не можеле да го пратат својот син на школување надвор од Охрид, иако за тоа и тој и тие мечтаеле. Од тие причини Методија Патче го прекинал образованието токму тогаш кога навлегол во книгата, кога почнал да ги вкусува нејзините плодови. И тој, како и неговите тројца браќа, со татка му се борел за животен опстанок. Работел извесно време во ќуркчиските дуќани, а работел и како рибар со татка си, борејќи се со езерото за парче леб.

Кога заштедил нешто средства од работата и со малата помош што ја добил од родителите, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош. Прво отишол во Солун, а од таму во Софија. Ниту во Солун, ниту во Софија не добил потребна парична помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште. Во училиштето ги посетувал сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на ВМРО, а од време-навреме и од самиот Гоце Делчев. 

Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“ во маалата Кошишта. Во истото училиште за учител би назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во редовите на ТМОРО. Тој добивал специјални задачи – ликвидирање на непријателите на ослободителното дело, како и на предавниците.

Во 1894 година, само една година по формирањето на ВМРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охрид и охридско. Двајцата им давале заклетва на новите членови на вообичаениот начин – пред евангелие, крст и кама. Честопати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со „светена вода“.

Поради ликвидација на кодош во Охрид, иако немало сведоци, Патчев бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години робија во битолскиот затвор, а во 1901 година бил амнестиран.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, турската власт му забранила да работи како учител, па преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). 

Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патувал низ прилепскиот регион и за кусо време дошле до израз неговите организаторски способности.

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), сè до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.

По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величенствена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смртта, комитите како да ѝ оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: “Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.” Потоа со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци.

Македонската револуционерна борба пред и по Илинденското востание памети многу колективни самоубиства на македонски војводи и комити, кои со посегањето по сопствениот живот предизвикувале восхит не само кај својот народ туку и кај непријателот. Меѓутоа самоубиството на охриѓанецот Методија Патче и неговата дружина е прв таков чин по чиј пример подоцна ќе тргнат многумина македонски синови.

Селаните ги закопале македонските херои во црквата “Света Богородица”, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. За војводата Методија Патче испеани се повеќе песни. Една од нив е и песната „Јас Методи Патче од Охрида“.

Повеќе на охрид24.мк

RELATED ARTICLES
- Advertisment -
Google search engine

Most Popular

Recent Comments